|
Детали што го дефинираат стилот на успешниот маж
Не оди убав костим со евтин часовник
Рачниот часовник е еден од ретките модни додатоци кои им се допуштени на мажите, а оттаму и нивната голема разновидност и високата цена.
Часовникот има подеднаков ефект како и другите статусни симболи, од типот на отмен паричник, елегантни вратоврски и скапоцени кожни обувки: може да го унапреди или да го уназади вашиот изглед. Замислете маж кој носи дизајнерски костим, шминкерски чевли и спортски дигитален часовник. Ако го замениме дигиталниот часовник со луксузен, истата личност ќе зрачи со стил, класа и моќ. Кога бираме часовник, без разлика дали тоа е суперлуксузниот Patek Philippe или Rolex, Omega, Movado, TAG Heuer, Breitling, Seiko, Swatch или кој било друг, на тој начин на околината и испраќаме дискретни сигнали за нашата посебност и економскиот статус. Кој не ги разбрал, големите стилски и комуникациски потенцијали кои ги крие рачниот часовник, лесно би можел да оди наоколу со пластична имитација од трафика. Нема двоумење дека една од главните причини поради кои луѓето купуваат скапи часовници е желбата за предизвикување на восхит, па и завист кај другите луѓе. Иако тоа никој не сака да го признае, невозможно е да се помине преку сознанието дека Rolex, на пример, е толку поврзан со претпоставката за успех. Многу менаџери и претприемачи го обележале својот влез во елитата мавтајќи со некои од моделите на Rolex. Големите златни часовници делуваат одважно, но дали околината ќе го гледа сопственикот со почит или со презир, зависи од начинот на носењето. Не е паметно да се фалите дека вашиот Rolex чини повеќе од нечиј автомобил, ниту пак да се носи часовникот слабо затегнат, така што често се гледа под манжентните. Искажување на статусот со часовникот треба да биде ненаметливо за да се постигнат најдобрите резултати. Сепак нема двоумење дека сопствениците на скапите часовници сакаат другите да го видат нивното богатство. Тоа е причината зошто часовниците во последните години се зголемени до епски пропорции од 4 до повеќе сантиметри. Големите часовници се во тренд, но треба да се знае дека таквите часовници не изгледаат добро на тенки раце. Од друга страна на спектарот, се наоѓаат ненаметливите, класични часовници. Иако можат да бидат поскапи од конкурентот, тие се помалку забележливи. Ако носите таков часовник, ќе привлечете погледи на оние со префинет вкус. Кога часовниците биле измислени, нивниот максимум бил покажувањето на приближното време во денот.
Денес со растот на дигиталната технологија, во традиционалниот часовник можно е да се додадат дополнителни функции, од календар до калкулатор. Невообичаените бројчаници со стрелки и индикатори на секој расположив дел на површината укажуваат на механичка сложеност, истовремено создавајќи впечаток за сопствената упатеност. Сепак, едноставниот аналоген часовник остана најомилен и најелегантен тип на часовник. Последните години повторно порасна популарноста, традиционалните механички модели, чии стрелки го придвижуваат механизмот со посредство на низа мали запчаници. Механичките часовници, чија пружина се навива рачно, се ценети како уметнички дела, како и сите направи за покажување на времето. Ако сте пак љубители на традиционалните стилови, тогаш за вас е класичната линија на TAG Heuer. Cartier, Rolex, Omega, Maurice Lacroix, Jean Pierre и Gucci исто така се врвни избори на висококвалитетни часовници со призвук на класика. Наспроти старинските механизми се наоѓаат и часовници на сончева енергија, совршени за ова време каде има висока грижа за околината. Часовниците на светлосен погон не мора да имаат изглед на евтин дигиталец. Брендот Citizen ја користи наградената технологија Eco-drive и во машката и во женската линија, создавајќи серија на класични часовници кои никогаш нема да остарат или да останат без енергија.
Часовникот и личниот печат
Разни брендови на луксузни часовници се специјализираат за различни профили на корисници. На пример, заштитен знак на TAG Heuer е суперѕвездата Тајгер Вудс. TAG Heuer од претходно е познат како бренд насочен кон добростоечки спортски ориентирани личности, а сега има модел за љубителите на голф, the Link Tiger Woods Limited Edition. Играчите на голф се привлечна мета за индустријата на рачни часовници затоа што 90% од нив не ја носат таа направа, барем додека играат. Еден од начините на кои се искажува трендот на прилагодливоста е продажбата на разнобојни ремчиња за часовниците. Некои престижни брендови, како Christian Dior, нудат колекции кои вклучуваат часовници со менување на ремчињата, така што оној што го носи часовникот може да се прилагодува на ситуацијата – вечерно излегување на коктел или излет на едрење. Брендовите како Accurist, Burberry, Citizen, Emporio Armani, Seiko и другите ги споија дизајнерската мода со прецизноста и сигурноста на мерењето на времето. Популарноста е само еден показател на врвен производ. Поголемиот дел од јавноста знаат само за одредени брендови кои успешно се огласуваат како најдобро од најдоброто, а не се свесни дека другите се еднакво квалитетни или дури надмоќни часовници. Просечен граѓанин на прашањето за часовниците веројатно ќе одговори дека пазарот почнува со Timex и Casio, се придвижува преку Seikо и Omegа, и го достигнува врвот со Rolex. Rolex е сугурно најпознатиот бренд на луксузни часовници. Одамна познатиот производител на супериорни модели, воведе неколку важни иновации како што се првиот рачен часовник со автоматско менување на датумот, првиот делотворен состав на отпорност на вода и прашање и техника на масовна техника на масовното производство на врвни часовници. Меѓутоа, вистинскиот познавач е свесен и за други врвни брендови како што е Blancpain, Fortis, Bulgari, Cartier,Jaeger-LeCoultre,Patek Philippe или Girard-Perregaux.
Jaeger-LeCoultre Reverso Classique Grande Automatique
(6500 eврa)
Овој производител го краси углед на спојување на иновативноста и стилот, а Reverso Grand Automatique е одличен пример, направата е водоотпорна до 30 метри длабочина и ги покажува часовите, минутите, секундите, датумите, ноќ и ден и дополнителна временска зона. Називот Reverso значи дека куќиштето од нежрѓосувачки челик може да се извртува. Освен што тоа е згоден шминкерски трик, можноста за извртување можеби ќе служи за заштита на стаклото, а можеби дизајнерот порачува дека постојат моменти кога не е битно да се знае точното време.
Bulgari Ergon
(11.000 eврa)
Триумф на едноставноста и спортската елеганција. Овој часовник е наменет за противниците на дополнителните, збунувачки функции за кои е тешко да се најде примена. Темелните модели од оваа линија се одликуваат со сафирно стакло отпорно на гребнатини, ременче од крокодилска кожа и куќиште со нежрѓосувачки челик. Ergon нуди само основни податоци – час, минута, секунда и датум. Сепак, ретко кој толку едноставен часовник е толку ценет и посакуван. Љубителите велат дека тој зрачи со самоувереност.
Girard-Perregaux Opera Three
(480.000 eврa)
Присутни на пазарот од 1791 година, Girard-Perregaux себе се нарекуваат „создавачи на часовници за одбраните”. И тоа навистина нема и да се промени. Оние малубројни кои можат да си го дозволат овој скапоцен украс, сигурно не можат да се пожалат на животот. Дозволено им е доаѓањето на секој иден час да го поминат во тишина или да ја пуштат Opera Three да свири една до две мелодии, во својата мала музичка кутија.
Rolex Daytona
(15.000 eврa)
Изворно е претставен во 1960 година како Cosmograph, Daytona со стручен речник значи кронограф, часовник со вградена штоперка. Подоцна часовникот стана познат како Daytona поради популарноста помеѓу возачите на истоимената американска тркачка патека. Со својот троен бројчаник, контраст на бои и комбинацијата на драгоцени метали и нежрѓосувачки челик, Rolex Daytona нуди восхитувачки убав изглед и солидна изведба. Daytona е еден од најславните модели на Rolex и еден од оние до кои најтешко се стигнува. На него купувачите чекаат со години или го бараат по целиот свет. Овластените дистрибутери секоја година добиваат по два модели, еден со бел и друг со црн бројчаник.
TAG Heuer Kirium F1
(2200 eврa)
TAG Heuer е близок на едрењето, формула-трките и други активности поврзани со слаткиот живот. На прв поглед Kirium F1 изгледа привлечно, но и премногу едноставно. Во реалноста тој нуди седум функции: аналоген и дигитален приказ на времето, штоперка прецизна до стотинки секунди, одбројување, будилник, вечен календар, дополнителна временска зона и осветлување на бројчаникот. Неговото стакло е отпорно на гребнатини и сместено е во куќиште од нежрѓосувачки челик. За секој случај, ако се најдете во вода не грижете се за часовникот: отпорен е до длабочина од 200 метри.
|