|
Организација на компаниски настани во Русија
Нова корпоративна мода
Русите велат „кој добро се забавува, тој добро и работи”, постигајќи разни трендови во event management индустријата да ги надминат постоечките граници, практики несвојствени за одговорните и опортуни западни компании и невидени за малите играчи од транзициските земји
Борис Камчев, специјално
за “Капитал” од Санкт Петербург
boris@kapital.com.mk
Новогодишните празници во Русија се врв на сите државни чествувања. Руските власти обично донесуваат одлука на спојување на деновите по Нова година со Божиќните празници, па понекогаш во првата половина на јануари неработни се и петнаесетина денови – период кога целата нација поминува низ неколку фази: од еуфорично славеничко однесување, до масовно пијанство и пребродување на мамурлакот кое може да трае и десетици денови по официјалното завршување на празниците. Па така многумина истражувачки агенции воопшто не го сметаат јануари во своите индекси за порастот на бруто- домашниот производ на земјата!
Сепак, тоа не се единствените новогодишни денови за одмор на руската средна, но материјално сe повлијателна класа – претставниците на банкарскиот, консултантскиот, финансискиот и секторот за недвижности, вклучувајќи го менаџерскиот кадар од услужниот и секторот за масовна потрошувачка. Брзо растечката економија на земјата ја подигна до ново, досега непознато ниво, практиката на корпоративно славење, одамна одомаќинета во развиените западни земји. Додека за претставници на истите сектори од транзициските земји како оние од Западен Балкан, таквата практика е исклучок што важи за најуспешните, на малубројни компании во овие земји.
Сезоната започна
Деновиве маркетинг- секторите на сите светски компании кои значат нешто во горенаведените области забрзано се подготвуваат за новогодишните празници приредувајќи им на своите вработени незаборавни моменти. Ваквите активности се доведени до вжештување и овде, земајќи го во обѕир славеничкиот и церемонијален карактер на Русите, во чија земја покрај такви екстраваганции како саеми за балони или елитни детски играчки (кои деновиве се одржуваат во Москва – повторно сврзани со претстоечките новогодишни празници), постојат и саеми за презентација на компании кои работат на организација на настани, индустрија на Запад попозната како event management.
Танцувачи-жонглери со неонски светла, вилионистка која пее, народни танци со танцувачки во руска традиционална носија во мини здолништа, облечени во танга и долги бели чорапи, и уште бројни други понуди на петербуршките event management компании неодамна беа претставени во хотелот “Радисон САС”, одбележувајќи го почетокот на сезоната на новогодишните корпоративни забави во градот.
Ангажираните во оваа индустрија се убедени дека корпоративните забави се најдобар начин за надминување на стресот предизвикан од долгите работни денови и ноќи, но и ефикасна техника за релаксација на меѓусебната конкуренција во менаџерските тимови, како и поттикнување на мотивацијата за стекнување подобри работни навики.
Така, многу компании во Русија започнаа да ги вклучуваат корпоративните забави како дел од здравствено-социјалнииот пакет што им се нуди на нововработените.
„Покрај здравствено и пензиско осигурување, бонусите и дополнителните платени одмори, во својата понуда за работа компаниите започнаа да ги ставаат и корпоративните забави”, изјави вработен во филијалата на “Делоит” и “Туш” во Санкт Петербург.
Според познавачите, просечната цената што компаниите ја плаќаат не е многу скапа, имајќи ги на ум резултатите што можат да се постигнат од одржувањето на корпоративна забава. „Вообичаена сума што компаниите ја издвојуваат за организација на забава со целовечерна програма е четири илјади долари, иако во цената не спаѓаат оброците. Добар оброк чини од 120 до 200 долари за човек”, изјави Пјотр Новик, генерален директор на Spbpresent.ru, организација за празници од Санкт Петербург. Тој дополни дека за реализација на секој проект, неговата организација прави истражување за тоа што компанијата сака да постигне со одржувањето на настанот. „Подготвени сме секоја свеченост да ја направиме интересна, незаборавна и несекојдневна, поаѓајќи од професионалните навики и желби на компанијата”, додаде Новик.
“Огномети” од пеперутки
На саемот во хотелот “Радисон” беа претставени услугите на поединци и мали компании за организација на настани, кои обично делуваат со Интернет- изнајмување и продавање на такви нешта како столни фонтани за чоколада, шампањско и сите останати можни пијалаци, букети од балони и огномети од пеперутки.
„Огномет од егзотични пеперутки најмногу закажуваат крупните фирми за своите корпоративни празници. Ние испуштаме живи ракети од стотици пеперутки. Притоа присутните се опуштаат, трчат по салата и скокаат за да уловат некоја”, ни раскажа Ирина Михалкова, директор на „Анисима”, којашто е сопственик на единствената продавница за тропски пеперутки во Санкт Петербург.
Инаку цената на една тропска пеперутка се движи од 2000 до 2300 рубљи (до 67 евра), во зависност од ширината на крилјата. Доколку се купуваат повеќе – две, три, пет или десет наеднаш, цената за една пеперутка е пониска. Вакви „живи огномети” стануваат се почест декор и на руските свадби, разни јубилеи и родендени.
Останати социјални забави се шумски екскурзии, возење на скутери и квадроцикли, пеинтбол и сафари – „нови корпоративни моди” се повеќе барани од компаниите во Санкт Петербург за исполнување на нивните корпоративни забави.
Овие прилики, ни раскажа Новик, овозможуваат вработените да се релаксираат, да создадат поблиски врски и да оформат нови перспективи за доброто на тимот.
„Кој добро се забавува, тој добро и работи” е мотото на „Академија прикљученија”, локална event management компанија. Компанијата нуди услуги на секаков вид на фирми и организации, од најмали до најголеми кои активно инвестираат во оваа идеја.
|