Лидер
Вагит Алекперов
претседател на Лукоил
Најголемата руска приватна нафтена компанија Лукоил ќе инвестира 3,6 милијарди долари во нова компанија за производство на етилен, полиетилен и полипропилен во Западна Русија, која треба биде пуштена во употреба во 2016 година. Според изјавата на претседателот на Управниот одбор, Вагит Алекперов, до крајот на годината треба да се пушти во употреба и третиот блок од рафинеријата Хунин во Венецуела. Најголемата додадена вредност Лукоил ја доби токму по доаѓањето на Алекперов на нејзино чело во 1991 година, од позицијата министер за гориво и енергија во последната советска влада. Тој го “поплочи” патот на Лукоил до некои од најдобрите руски нафтени полиња, поттикна големи договори во басенот на Каспиското Море, купуваше рафинерии во Источна Европа и го купи американскиот синџир на гасни станици Гети. Лукоил пред неколку години доби дозвола да ги развива полињата со природен гас во Саудиска Арабија и планира да ја извезува руската нафта директно во САД. Во следните десет години вкупните инвестиции за геолошките истражувања и за експлоатацијата на нафта на Лукоил ќе се зголемат до 78 милијарди долари. Во 2016 година ќе произведува четири милиони барели нафта дневно, односно 200 милиони тони годишно. Со годишен обрт од 30 милијарди долари, во моментов компанијата поседува 1,3% од светските резерви на нафта и 2,1% од вкупното светско производство на нафта. Во Македонија е присутна од 2005 година.