Норвешка со најмногу жени директори per capita
Шефови на штикли
Во управните одбори на норвешките компании сега врие од жени, откако владата пред четири години донесе закон, кој вели дека од први јануари годинава, најмалку 40% од членовите на управните одбори во компаниите кои што се котирани на берза, мора да бидат од понежниот пол.
Норвешкиот писател Хенрик Ибзен, автор на драмата Куќата на куклите”, во која се зборува за привлечна, фрустрирана домаќинка што го напушта сопругот и децата во потрага по “посериозен” живот, сигурно би го одобрил ова. Од први јануари годинава, сите компании во Норвешка што котираат на берза мора да имаат најмалку 40% жени во своите управни одбори. Многу фирми веќе го испочитуваа законот, донесен во 2003 година. Но, 75 од околу 480 компании на кои што се однесува овој закон, се уште се премногу машки за вкусот на владата. Тие добија писмо во кое се велеше дека до крајот на февруари имаат рок да делуваат, инаку ќе се соочат со законски санкции-што може да значи и да бидат тргнати од котација на берза. Пред да биде предложен овој закон, околу 7% од членовите на бордовите на директори во Норвешка, беа жени. Оттогаш бројката се искачи на 36%. Тоа е многу повеќе од просечните 9% карактеристични за големите компании во Европа-11% за британските FTSE 100, а 15% кај американските Fortune 500. Норвешката берза и нејзиното главно бизнис лоби се противеа на законот, како и многумина бизнисмени. “Јас сум против квоти за жени или мажи, од принципиелни причини”, вели Свере Манк, еден од шефовите во Schibsted, медиумска компанија. “Членовите на управните одбори во компаниите треба да бидат бирани исклучиво врз основа на квалитетот и искуството”, смета тој. Неколку компании веќе се повлекоа од берза за да го избегнат законот.
“Златни здолништа”
За овие четири години, компаниите требаше да ангажираат околу илјада жени за членови на директорскиот борд. Многу од фирмите се жалат дека им било тешко да најдат искусни кандидатки. Заради ова, некои од најдобрите меѓу нив, се членови на 25-35 компаниски одбори, и во норвешките бизнис кругови се познати како “златни здолништа”. Една од причините за овој недостиг е фактот што генерално малку жени има во менаџментот на норвешките компании-тие зафаќаат околу 15% од топ- позициите. Било особено тешко за компаниите од нафтениот, технолошкиот и финансискиот сектор да најдат жени со доволно искуство. На пример, DNO, компанија за нафта и гас, со бизниси во Јемен, Ирак и други земји, минатиот ноември најде жени со кои што е задоволна, но нивната стручност е во областа на финансиите и човечките ресурси, а не нафтата, вели Хелге Еиде, претседател на DNO. “Меѓутоа, ние задржавме доволно искуство за нафта и гас во машките членови на нашиот борд”, додава.
Некои се загрижени дека релативниот недостиг на искуство може да ги држи жените замолчани во управните одбори, што во крајна линија би довело до тоа одборите да станат помалку способни да се потпрат на своите менаџери. Меѓутоа, скорешната бизнис историја на Норвешка, покажува дека жените може да бидат многу силни директори. Во 2003 година, во Statoil, најголемата компанија во земјата, токму Грејс Скауген и уште две жени директори го алармираа менаџментот за можните илегални исплаќања на консултанти, со цел да обезбедат договори во Иран. Тие свикаа вонредна седница на управниот одбор која резултираше со оставките на претседателот и главниот извршен директор на нафтената компанија. “Жените се многу повеќе посветени на тоа да ја завршат работата како што треба и ние можеме да си дозволоиме да поставуваме тешки прашања, затоа што од нас не се очекува секогаш да ги знаеме одговорите”, вели г-ѓа Скауген, која патем, беше избрана за директор на годината, за 2007.