Бил Рупрехт, шеф на аукциската куќа Sotheby’s
Човекот што “љуби бројки”
Откако пред осум години ја презеде компанијата со речиси уништена репутација заради скандалот со договарање на цени, Рупрехт успева полека, но сигурно да ја врати Sotheby’s онаму каде што се наоѓа повеќе од 2,5 века.
“Бевме соочени со неизвесност, срам и долгови”, вели Бил Рупрехт, сеќавајќи се на 2000 година, кога го презеде кормилото на Sotheby’s, една од двете водечки аукциски куќи за уметнички предмети. Sotheby’s штотуку беше обвинета за договарање на цени заедно со Christie’s, нејзиниот ривал и втор член на дуополот што владее со светот на аукциите со вредни уметнички дела. Дајана Брукс, претходникот на Рупрехт, и Алфред Таубман, малопродажниот тајкун кој што беше Sotheby´ s претседател уште пред скандалот да избие во јавност, ризикуваа да одат во затвор како соучесници во целиот заговор. Sotheby’s беше пред финансиски колапс, затоа што нејзината репутација беше практично уништена. “Не сакав да ја прифатам работата”, вели Рупрехт. Но, осум годинуи подоцна, тој е среќен што му била понудена позицијата токму нему. Кон крајот на февруари годинава, Sotheby’s објави рекордни продажби од 6,2 милијарди долари во 2007 година, за 51% поголеми од 2006. Тука влегуваат рекордни 784 дела продадени на аукција за повеќе од еден милион долари. Во мај лани, Sotheby’s ja продаде сликата наречена “Бел центар” од Марк Ротко, за матните 72,8 милиони долари, три пати повеќе од највисоката цена која била претходно платена за дело на овој уметник. Сосе оваа, Sotheby’s продаде четири од петте најскапи слики во 2007 година. Оваа беше најдобрата година во историјата на куќата долга 264 години.
Одличен резултат за некој што своевремено бил арогантно отфрлен од еден директор на оддел во Christie’s затоа што бил оценет како човек што го интересираат само бројки. Рупрехт е пораснат во Мисури, САД и посочува дека мајка му била сликарка, а татко му бил шеф на различни компании, па имал можност да ги собере уметничките и бизнис квалитетите од нив. Дипломирал на Универзитетот Вермонт во 1980 година, откако претходно три години го имал напуштено факултетот, изработувајќи мебел за тоа време. Истата година се вработил во Sotheby’s, во нејзиниот оддел за ориентални ќилими, и пополека се искачил до местото главен на американскиот оддел на аукциската куќа. Кога се случил скандалот, бордот на директори побарал од него да ја преземе позицијата на главен извршен менаџер на целата куќа.
“Првата работа што требаше да ја направам е да ги убедам вработените да не бегаат од компанијата, како од брод што тоне”, вели Рупрехт. Им ветил нов почеток, а го убедил бордот да им даде посебни стимулации на врвните специјалисти за продажба, па сите тие останале во куќата.
Новите богаташи купуваат уметнички дела “како луди”
Рупрехт потоа ги поминал првите четири години од раководењето со Sotheby’s разрешувајќи ги правните и финансиските проблеми. Тужени од нивните клиенти, Christie’s и Sotheby’s се согласиле да платат по 265 милиони долари како надомест за клиентите, затоа што незаконски ги координирале провизиите што ги наплаќале при продажбите. Претходно споменатиот Алфред Таубман, кој поседувал контролен пакет во Sotheby’s во тоа време, платил 156 милиони долари од својот дел, а остатокот го платила компанијата. Sotheby’s била казнета и со 45 милиони долари од страна на американските антимонополски тела, како и со 20 милиони долари од страна на Европската комисија. Christie’s била поштедена од овие казни, затоа што Кристофер Девиџ, нејзиниот поранешен шеф, им ги открил податоците за незаконското договарање на цените на надлежните органи. Разнишаната компанија мораше да ги крати оперативните трошоци, да отпушта вработени и дури во 2003 година да ја продаде зградата на Менхетен, каде што беше нејзиното седиште, за 175 милиони долари, склучувајќи договор за наем, за 40 години. Годинава ја врати повторно во своја сопственост, за 370 милиони долари. Sotheby’s исто така го раскина партнерството со eBay, водечкиот интернет аукциски сајт, губејќи притоа 100 милиони долари заради нереализирани продажби. “На врвната уметност не & личи да се продава преку интернет”, вели Рупрехт. До 2004 година, бизнисот бил рекомпониран, а во втората половина од истата година, пазарот на уметнички дела се разбудил, за во последниве неколку години просто да експлодира. Главниот придвижувач на овој бум се новите богаташи од економиите во развој. Денес, клиенти од 58 земји би купиле парче што чини повеќе од 500 илјади долари. Пред пет години, имало 36 такви земји, според Рупрехт. На неодамнешната аукција на слики во Лондон, богатите Руси потрошија 24,3 милиони долари за слика на Франц Марк, и 18 милиони долари за дело на Алексеј фон Јавленски, уште еден германски експресионист. Тоа беше двојно повеќе од последната цена за сликите, постигната на аукција во 2003 година. Релациите помеѓу двете врвни аукциски куќи останаа далеку од срдечни. Sotheby’s се уште се жали дека била помалку фер третирана во расчистувањето на скандалот со договарањето на цени. Девиџ од Christie’s си обезбедил амнестија, но Таубман од Sotheby’s лежел девет месеци во затвор, додека претходникот на Рупрехт, Дајана Брукс била шест месеци во куќен притвор. Овој диспаритет помеѓу казните на двете фирми покажува “како Sotheby’s да ги договарал цените сам со себе”, смета еден од врабтените во куќата, кој се колне дека ниеден од неговите колеги не знаеле за овие активности.
Квалитет, а не квантитет
Двете компании сега се борат за лидерската позиција, но со многу различни стратегии. Во Christie’s велат дека тие се водечкиот светски бизнис со уметнички дела, мерено според продажбите, профитабилноста и квалитетот на делата што се нудат за наддавање. Рупрехт на тоа одговара дека Sotheby’s под негово водство има цел да биде најдобра, а не најголема аукциска куќа, фокусирајќи се на врвниот сегмент од пазарот. Кај Christie’s, делата на продажба имаат цени од 200 долари, па до 80 милиони долари. Кај Sotheby’s почетна цена на уметнички предмет не е под 5000 долари. Во бројки, двете фирми имале речиси ист промет минатата година, но Sotheby’s продала 42% помалку предмети. Сепак, Рупрехт има уште многу работа пред него за да ја етаблира куќата како број еден во бизнисот. Марија-Кристина Витгештајн, трговец со уметнички дела од Њујорк, вели дека во секторот на дела од “старите мајстори”, и двете куќи се подеднакво силни, додека друг експерт смета дека Christie’s има посилен бренд и поцврст подем во Кина и останатите пазари во развој. Една стара изрека вели дека кај Sotheby’s бизнисмените се препреваат дека се господа, а кај Christie’s господата се преправаат дека се бизнисмени. И кај двете компании репутацијата се враќа, и бизнисот цвета повторно. “Не можам да кажам дека ја завршив работата”, вели Рупрехт, кој признава дека за успехот се заслужни и неговите колеги, како и големата побарувачка за скапи уметнички дела. Кризата што ја погодува Америка во моментов, го става пред нов тест. Тој признава дека овој бизнис не е отпорен на рецесија. Но, истовремено би се обложил дека Sotheby’s ќе профитира од нејзината тенденција кон врвен квалитет, а не квантитет, во време кога економијата чкрипи.