Герман Филков
Во владините и во претседателските кругови веќе на големо се зборува за можните наследници на гувернерот на Народната банка, Љубе Трпески, чиј седумгодишен мандат изминува во средината на оваа година.
Изборот на новиот гувернер го комплицираат неколку работи. Прво, што претседателот на државата, којшто треба да го предложи гувернерот, е од спротивставена партија со премиерот и со парламентарното мнозинство и второ, што и на самиот претседател мандатот му истекува годинава што ќе значи дека тој и гувернерот што ќе го предложи ќе соработуваат само неколку месеци.
Првиот проблем може да го искомплицира “мазниот” избор на гувернер и да фрли дамка на секој канадидат предложен од Трајковски. Иако тоа не е својствено за една парламентарна демократија за каква што се декларира и Македонија, сепак можно е кандидатот што ќе го предложи Трајковски да не биде поддржан од парламентарното мнозинство. Идејата новиот гувернер да го предложи претседателот, а да го именува Собранието е со цел да се гарантира избор на гувернер независен од работата на владата. Ако пратениците од мнозинството (СДСМ, ДУИ и ЛДП) го одбијат кандидатот на Трајковски, тогаш ќе фрлат дамка врз независноста на кандидатот што тој ќе го предложи, кој и да биде, а со тоа и врз независноста на целата монетарна власт.
Вториот проблем е посуштински. Трајковски и новиот гувернер ќе работат заедно само неколку месеци, така што новоизбраниот гувернер можеби нема да биде од доверба и кај новиот претседател. И во двете варијанти, Владата сигурно дека ќе се обиде да вмеша прсти во изборот на новиот гувернер и никако нема да се помири и да му го остави ова прашање, сам и по сопствена желба да го решава претседателот во заминување, Трајковски.
Луѓе што се вмешани и заинтересирани во изборот на новиот гувернер не ја исклучуваат и варијантата - Трајковски да предлага кандидат, мнозинството да не го поддржува сe до истекување на мандатот на Трајковски, за да може новиот претседател да си предложи свој кандидат за гувернер. До тогаш ќе го истрпат уште малку сегашниот гувернер Трпески, кој уште неколку месеци би работел со истечен мандат. Кога сме кај Трпески, јасно е дека никој, ниту извори блиски до премиерот, ниту до претседателот не го споменува во ниту една варијанта за можен реизбор.
Како секогаш кога ќе се спомене избор на некоја толку важна функција и овојпат кружат многу имиња, некои како пробни балони, некои како желби на одредени кругови и само неколку како имиња директно споменувани во најтесните кругови на претседателот и на премиерот.
Ако нешто драстично не се промени во меѓувреме, претседателот Трајковски сака и најверојатно ќе го предложи сегашниот прв директор на најголемата банка во земјава – Стопанска банка, Глигор Бишев, поранешен вице и заменик гувернер и, според многу експерти во земјава и странство, еден од најдобрите, ако не и најдобар македонски експерт во монетарната сфера. Освен овие атрибути, изборот на Трајковски за Бишев се врзува и со тоа што потекнуваат од ист крај и што за Бишев за гувернер ништо против не би имала и партијата на Трајковски, ВМРО-ДПМНЕ. Добриот играч Трајковски знае дека и мнозинството не би можело да гласа против еден таков кандидат како Глигор Бишев.
Од друга страна, во високите владини кругови сe почесто се споменува името на професорот на Економски факултет, Михаил Петковски, кој исто така е еден од најголемите домашните експерти во оваа сфера. И Владата не е за потценување во проценките за професорот Петковски оти и тој не би можел да биде одбиен како експерт, а освен тоа неговата блискост со екс-министерот за финансии Груевски би му овозможила “пас” и пратениците на ВМРО-ДПМНЕ чиј лидер е сега Груевски. За разлика од Трајковски, кој е прилично сигурен во изборот на кандидатот, во владините кругови се споменуваат и уште неколку имиња, сите на врвни експерти од монетарната и финансиската сфера. Без некој приоритет, во игра се имињата на професорот на Економскиот факултет и екс министер за финансии академик Таки Фити, но и на последниот екс-министер за финансии, Петар Гошев. Иако ниту еден од споменатите кандидати нема да има проблем да биде избран според својата стручност, сепак се очекува копјата меѓу Владата и претседателот да се кршат околу нивната тврдоглавост и непопусливост чиј кандидат да биде избран.
Трајковски е сигурен дека ќе предложи свој кандидат. Засега нема информации дека тој и Владата го отвориле за дискусија ова многу чувствително прашање иако станува збор за многу важен избор. Неофицијални информации од Вашингтон велат дека и самиот Меѓународен монетарен фонд се заинтересирал за избор на новиот гувернер. Претставници на Фондот во одредени кругови, дури и го споменале името на поранешниот директор на дирекција во Народната банка, Зоран Ставрески, најблискиот соработник на Груевски во времето кога Груевски беше министер за финансии. Ставрески беше помошник на извршниот директор во Светската банка од Холандија, кој покрива група земји, меѓу кои и Македонија. Неспорно е дека Ставрески може лесно да помине кај Трајковски преку неговиот поранешен шеф Груевски. Сепак, ова решение најтешко би поминало кај Владата бидејќи Ставрески имаше многу поинтензивна комуникација со Груевски, отколку со кој било друг државен функционер.
Кој и да биде иден гувернер, ќе има многу работа. Ако не повеќе, само решавањето на петте или повеќе проблематични банки и затворањето на аферите со Експорт-импорт и со Македонска банка се доволни за главоболки уште од првиот ден од новиот мандат.