|
Што се бара и што се нуди на македонската берза на труд
Информатичарите најдефицитарни, банкарите најплатени
Најголем интерес има за работните места кои се објавени од компаниите кои имаат свои претставништва во Македонија, како и за фирмите од банкарскиот, телекомуникацискиот и фармацевтскиот сектор, велат професионалните агенции за посредување при вработување
Најдобро платени се работниците во финансискиот сектор, а најмалку заработуваат текстилците и кожарците.
Мелина Танчева-Цветаноска
melina@kapital.com.mk
Работодавачите во Македонија најмногу бараат работна сила во секторите продажба, маркетинг, угостителство, образование, градежништво, информатика, финансии и банкарство. Ова го потврдуваат информациите од Интернет- порталот najdirabota.com.mk, како и од агенцијата за привремени вработувања Nextlevel, каде што велат дека квалификуваните работници се најбарани.
Кристијан Петковски од najdirabota.com.mk, вели дека работодавачите најмногу се заинтересирани за високообразованите кадри, иако одредени работни места не ја бараат таа квалификација.
| И за работа во продавница работодавачот си дозволува да побара лице со завршен факултет?! |
| Во Македонија износот на платата за вработените го објавуваат само компаниите кои работат како претставништва на странските компании во земјава |
| Традиционално, претпочитање на женскиот пол има кога се бараат лица за продажба и маркетинг или за извршување на административни задачи, додека машкиот пол се преферира при ангажирање на кадри во инженерството |
“Најголем број од работодавачите се заинтересирани за кандидати со висока стручна подготовка, а помал дел за лица со средна стручна подготовка или пониска, бидејќи и самиот пазар на труд во Македонија им го дозволува тоа. За едноставна работа во продавница работодавачот си дозволува да побара лице со ВСС”, вели Петковски.
Од Агенцијата за привремени вработувања Nextlevel нагласуваат дека голем број на македонски државјани во последно време бараат работа во градежниот сектор во Црна Гора, кој има големи барања за вакви кадри после влегувањето на големите руски инвестиции.
Странските компании во Македонија најпожелни за работа
Побарувачи на работни места се најчесто оние кои по завршувањето на образованието не можеле веднаш да најдат работа, како и оние кои останале без работа, велат од Агенциите за вработување.
Најголем интерес има за работните места кои се објавени од компаниите кои имаат свои претставништва во Македонија, како и компаниите од банкарскиот, телекомуникацискиот и фармацевтскиот сектор.
“Во Македонија износот на платата за вработените го објавуваат само компаниите кои работат како претставништва на странските компании во земјава”, констатира Петковски.
Во однос на квалификациите кои работодавачите ги бараат од оние кои ќе ги вработат, најмногу од кандидатите се бара да имаат повеќегодишно работно искуство.
“Малку од компаниите се подготвени да инвестираат во обука на кандидатите пред нивното вклучување во работниот процес. Освен искуството се бара кандидатите да познаваат англиски јазик, користење на компјутер, возачка дозвола, комуникативност, одговорно однесување. и тимска работа”, наведува Петковски.
Што се однесува на половата структура како фактор при изборот на работник, од агенциите за вработување кажуваат дека работодавачите во однос на ова се либерални, односно тоа не игра голема улога при одбирање на кандидат за работа.
“Единствено има претпочитање на женскиот пол кога се бараат лица за продажба и маркетинг или за извршување на административни задачи, додека машкиот пол се преферира при ангажирање на кадри во инженерството”, вели Петковски.
Најплатени се информатичарите и банкарите
Според статистиките на najdirabota.com.mk, најплатени се позициите каде што кадрите се дефицитарни.
“Најплатени се оние работни места каде стручниот кадар е дефицитарен, односно раководниот кадар во одредени компании каде се бара висока професионалност и стручно познавање, а истото се однесува и за техничкиот кадар во речиси сите компании во Македонија. Најниско платени се кадрите во текстилната индустрија, каде што во последно време се случуваат промени и кадрите во земјоделската индустрија”, вели Сашо Зафировски од Nextlevel.
Според податоците на Заводот за статистика за оваа година, најплатени биле вработените во финансискиот сектор и осигурување, со висина на плати над 30.000 денари. Потоа следуваат секторите за снабдување со струја, вода и гас и сообраќај и врски. Според статистиката кадрите во градежниот, прехранбениот и земјоделскиот сектор земаат плати од 8.000 до 12.000 денари, а најслабо се плаќа трудот на вработените во текстилната, гумарската и кожарската индустрија, со плати од 7-8.000 денари.
“Побарувачката на работна сила во однос на минатата година е зголемена за 46% и во очекување сме дека и во идната година ќе продолжи со истото темпо. Генерално бројот на слободни високо квалитетни кадри е се помал. Во последно време имаме се повеќе клиенти кои се заинтересирани по секоја цена да обезбедат високо квалитетни кадри со солидно искуство и стручност, посебно во областа на информатичката технологија и менаџерството”, вели Петковски.
|