Медиумите и толеранцијата
И новинарите може да промовираат меѓусебно разбирање
Хрватскиот телевизиски новинар Денис Латин е добитник на првата награда на Медиумската организација на Југоисточна Европа (СЕЕМО), која ќе се доделува на новинари што помагаат да се воспостави подобро разбирање меѓу народите на Балканот
Лиз Берет
Да се биде новинар на Балканот може да биде
тешка работа. Добриот новинар треба секогаш да биде сосема објективен и да ја
истражи приказната од сите агли. Меѓутоа, тоа не е нималку лесно кога приказните
ги враќаат болните сеќавања на неодамнешните меѓунационални судири или, пак, се
прст во окото на политичарите и мафијашките шефови. Илјадници новинари на
Балканот постојано ги преживуваат тие дилеми и трпат последици поради своето
објективно новинарско работење.
Денес постои ново тело, Медиумската
организација на Југоисточна Европа (СЕЕМО), која одлучи да ги награди тие напори
на новинарите. Минатиот месец СЕЕМО одлучи нејзината прва награда, "Д-р Ерхард
Бусек - СЕЕМО" за подобро разбирање во Југоисточна Европа, да му ја додели на
хрватскиот телевизиски новинар Денис Латин.
Латин и "Латиница" не се плашат од контроверзни
прашања
Неговата емисија "Латиница" е позната по тоа што
третира контроверзни прашања - ксенофобија, враќање на бегалците или
нормализирање на односите меѓу Хрватите и Србите. Во една понова емисија, Латин
го постави прашањето: "Дали на српските туристи треба да им се дозволи да
гостуваат на јадранскиот брег?" Тоа ја погоди публиката во вистинската жица. Во
поранешна Југославија, и Србите и Хрватите летуваа на хрватското приморје.
Меѓутоа, по војната во Хрватска (1991-1995), малку Срби се осмелија да го
поминат летниот одмор во своите некогаш омилени места.
За пливањето во
бистрото сино хрватско море повторно почна да се размислува дури од неодамна,
кога Србија се отвори кон Западот и кога Србите финансиски доволно се засилија
за да можат да патуваат. Многумина од нив што ја посетија Хрватска наидоа на
непријателско расположение, што можеби и не е изненадувачки, ако се знае дека на
делови од далматинскиот брег се водеа интензивни борби.
Латин одлучи со
проблемот да се позанимава "фронтално". Тој ги повика двете страни во студиото
на Хрватската телевизија: умерените Хрвати, кои сметаат дека е време Србите и
Хрватите да се помират, и ултранационалистите, кои сакаат да ги спречат Србите
повторно да стапнат на хрватска почва. Тензијата меѓу двете групи во студиото
речиси достигна точка на вриење, но пораката на крајот сепак беше дека дошло
време за помирување.
Оливер Вујовиќ, генералниот секретар на СЕЕМО, вели дека
жирито било импресионирано од подготвеноста на Латин да се занимава со толку
чувствителни прашања и теми, кои мнозинството хрватски медиуми ги игнорираат.
Меѓутоа, Латин е само еден од многумината новинари кои помагаат да се воспостави
подобро разбирање меѓу народите на Балканот. СЕЕМО доби преку 400 номинации.
Вујовиќ вели: "Жирито мораше добро да се помачи за да донесе
одлука".
СЕЕМО го претпочита дипломатскиот
пристап
Новововедената награда, која лично ја поддржува
специјалниот координатор на Пактот за стабилност за Југоисточна Европа, Ерхард
Бусек, е само делче од активноста на СЕЕМО. Организацијата, исто така, ги
анализира правните рамки во кои новинарите работат и лобира кај националните
власти во регионот своите закони во таа сфера да ги приспособат на меѓународните
стандарди. На пример, СЕЕМО ги охрабрува српските и црногорските власти,
клеветата, која според сегашниот закон е кривично дело, да ја преминуваат во
прекршок.
Организацијата го претпочита дипломатскиот пристап, свесна дека
директното мешање може да долее масло на огнот во ионака напнатата ситуацијата.
СЕЕМО неодамна беше известен дека една албанска политичка партија во Тетово и
забранила на локална македонска телевизија да присуствува на прес-конференција.
Вујовиќ веднаш контактираше со лидерот на партијата и му објасни колку е битно
конференциите за новинарите да бидат отворени за сите. Шефот на односната
партија реагирал позитивно: веднаш ветил дека повеќе нема да има забрани и
официјално и се извинил на телевизијата.
СЕЕМО, исто така, им помага на
новинарите чија лична безбедност е загрозена. "Проблемите со кои се соочуваат
новинарите се разликуваат од земја до земја. Сепак, можеби најголем проблем во
регионот се мафијата и луѓето што се поврзани со неа", вели
Вујовиќ.
Ниту СЕЕМО не е
семоќен
Меѓутоа, ниту СЕЕМО не може се. Правата на новинарите
мора да бидат подобро правно заштитени, нивната свест за тоа дека имаат улога на
коректор на власта мора да се зголеми и тие мора да имаат поддршка од полицијата
која често не сака да се ангажира. И по три години откако српскиот новинар
Славко Чурувија беше убиен пред зградата во која живееше, убијците се уште не се
пронајдени.
Новинарите во регионот често се слабо платени, а медиумите немаат
пари за вистинско истражувачко новинарство. Како што вели Вујовиќ: "Секој
новинар што добро ја работи својата работа секогаш мора да се праша: Каква ќе
биде реакцијата на ова што го пишувам? Дали моето семејство поради тоа ќе трпи
последици?"
(c) 2002 Balkan Times